Синдикатот против зголемена старосна граница за пензија

„Не“ за зголемување на старосната граница за пензионирање, дециден е Синдикатот. Работниците не се виновни за дупката во Фондот за пензиско, па на нивни грб да падне овој товар. Владата има на располагање други механизми за полнење на пензискиот фонд, порачаа од Синдикатот за градежништво. Сега со помош на Светска банка се прави анализа како да се надмине проблемот, треба да биде готова веќе наредниот месец.

„Во социјалниот договор треба да се вклучат сите, и работниците и работодавачите, засега ставот и на работниците и на работодавачите е да не се зголемува старосната граница. При изготвувањето на анализата не може Владата сама да си донесе заклучок да се зголеми старосната граница за пензионирање туку така. Навистина треба да се размисли убаво и да се направи комплетна анализа. … Нема никаков проблем ни со Фондот за ПИОМ, ниту со другите закони, доколку се применуваат како што треба и доколку редовно се уплаќаат придонеси. А тоа што не се уплаќаат придонеси треба Министерството за труд и социјална политика и инспекторатот за труд и другите надлежни органи да си преземат мерки и да си го решат проблемот“, Вели Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво при Сојузот на синдикати на Македонија.

Одговарајќи на пратеничко прашање премиерот Заев вчера рече дека одењето подоцна во пензија е една од можните мерки.

„Ако треба да има непопуларни мерки, јас ќе ги соопштам, за да знаат луѓето кои би биле. Се надевам дека нема да има потреба. Првата мерка која западот ја применува е дигање на годините за пензија. И денеска гледате дека тие што се на полесни места, одат подоцна во пензија. И тоа не е фер и еднаков третман кој сегашниот закон го дава“, рече премиерот Зоран Заев.

ММФ неодамна јасно препорача земјава да ја зголеми старосната граница, и овде во пензија да се оди како во земјите на Европската унија.

„Таму е друг и начинот на работа и технологијата, но има и многу повеќе услови за пензионирање, па вработените имаат право да бараат, доколку сакаат и предвреме да заминат во пензија. Лесно е да се каже да, на 67 години, но треба да се согледа дали луѓето можат да одат во пензија на 67 години“, вели Пешевски.

Втора можна мерка за полнење на пензиската дупка е зголемување на придонесите, но премиерот вели дека прашање е дали тоа може да го издржи економијата, и дали не би довело до одвраќање на домашните и странските инвеститори.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ