
Заев ќе го прочистува судството преку Антикорупциска
Заев го стартува ветингот врз судиите и обвинителите со барање Антикорупциска да ги провери нивните имоти, а Судскиот совет и Советот на обвинители да ја проверат одговорноста на судиите и обвинителите за застарување на предметите. Преку видео обраќање тој порача дека судството мора да се прочисти од непрофесионалните и корумпираните.
Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотот и парите, на обвинителите, судиите и нивните семејства,
вели Заев.
Заев освен имотот бара антикорупционерите ги утврдат и конфликтите на интереси на судиите и обинителите.
Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе,
побара Заев.
Од Антикорупциска за Телма велат дека утре на колегиум ќе го разгледаат барањето на премиерот и ќе ги утврдат идните чекори.
Согласно законот за проверка на имотната состојба Антикорупциска мора да донесе годишен план. Ние тоа ќе го направиме, ионака нас судиите ни беа таргет бидејќи најголем ризик од корупција се наоѓа токму во овој сектор. Ни беа таргет за определување на планот за идната година, меѓутоа конкретното барање на премиерот ќе го разгледаме на утрешниот колегиум и ќе излезе со соопштение за јавноста,
вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
За проверката на конфликтот на интереси Ивановска вели дека тоа е покоплексно барање.
Избраните и именуваните лица, вклучувајќи ги и судиите, го пријавуваат во анкетниот лист како судир на интереси тоа што нив лично им е судир на интерес, односно ако имаат кумулација на функции, именувани се во управни одбори и т.н. Не пријавуваат за нивно содејство со одредени адвокати или т.н. Значи тоа е малку покомплексно прашање што ќе бара посоодветен пристап за разгледување на тоа прашање,
вели Ивановска.
Барањето за проверка на судиите и обивнителите не е адресирано само до антикорупциска, Заев бара со нив да се позанимаваат и Судскиот Совет и Советот на обвинители и да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарување на предметите и нивната професионалност.
Институциите пак дополнително ќе ги проверуваат и лекарските потврди за обвинетите и затворениците.
Најавувам дека преку институциите ќе започнеме контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство,
вели Заев во обраќањето.
Заев освен домашна контрола, на помош за прочистување на судството, ќе ја повика и Европската комисија да го активира за Македонија инструментот за мониторинг на судските случаи од висок профил, а кои дополнително владата би ги направила достапни на јавноста преку аудио верзија.
Барањата на Заев опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги смета како признание дека капитулирала правната држава. За лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, барањето на Заев е и копирана политика од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи таа уште во јуни барале проверка на потекло имот на судиите и обвинителите.
Тамара Грнчароска