Ацо Колевски и официјално член на Советот на јавни обвинители

Новоизбрнаиот член на Советот на јавните обивнители Ацо Колевски смета дека со своето 30 годишно работно искуство во обвинителството ќе придонесе за самостојноста на обвинителите, но не гледа ништо спорно во тоа што минатата година побара од Врховниот суд да му го укине притворот на бизнисменот Сеад Кочан, во време кога тој беше во бегство и тоа за предмет кој го води СЈО.

Колевски ја водеше и предистражната постапка  за хеликоптерската несреќа кај Блаце во загинаа 11 офицери на АРМ. Случајот беше затворен со вина врз пилотите и без истражување на одговорноста кон повисоките армиски структури.

И додека Колевски од денеска и официјално станува дел од телото што бира и разрешува обвинители, судбината на судиите од врховен што го прифатија барањето потпишано од него е во рацете на Судскиот совет, кој периодов треба да пресече дали постапиле несовесно или не.

Колевски кој свечената изјава во Собранието ја даваше придружуван од претседателот на советот Коле Штериев, не сакаше да ги коментира претходните одлуки на советот, но вели дека не се сомнева во профиесионалноста на колегите во чиј последен избор на обвинители за организиран криминал, реакциите беа дека има судир на интерес.

Колевски беше избран со гласање од републичките обвинители а уште две празни места во советот треба да се пополнат од Собранието. Поради немање кворум на собраниската комисија за избори и менување, неделава не пројдоа предлозите за двајца адвокати. Едниот е Ангеле Илиевски познат во јавноста како адвокат на ексразузнавачот Зоран Верушевски а другиот е Ангел Солев кој во минатото бил член на Судскиот совет,  судија, претседател на Основниот суд Скопје 2 како и член на правниот совет на СДСМ.

Солев во телефонски разговор рече дека не бил член на партија ниту учествувал во работните тела на партијата, а бил  дел од овој советот чија улога му била советодавна и консултативна и давале мислења само за правни прашања а не и политички.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ