
Јовески за бонусите во СЈО: Апсурно е секретар да зема повеќе плата од претседател на држава
Сомнително е тоа што додатоците на плати во СЈО се третирале како класифицирани информации а се работи за трошење на јавни пари за што граѓаните треба да имаат увид. Ова е еден од аспектите кои ги истражува обвинителството во предистрагата за бонусите, вели државниот обвинител Љубомир Јовески. Друго проблематично според Јовески е тоа што според првичните согледувања два пати се земале пари по ист основ – доверливост.
Сите обвинители имаат право на додатоци на плата до 35 отсто по три основи меѓу кои и доверливост, па Јовески прашува ако се земал таков додаток на плата зошто е потребата од класифициран договор за доверливост.
Проблемот е повеќе тоа што го истакна, дека според првичните согледувања по ист основ се зема два пати плата и ако видите апсурдите до каде се однесени, еден секретар има повеќе плата од претседателеот на државата, но со ова не ја прејудицирам постапката,
вели Јовески.
Дополнитлено Јовески смета дека доверливоста е составен дел на јавнообивнителската функција. Но не сака да прејудицира каква одлука ќе донесе обвинителството за организиран криминал, кое пред неколку дена со двајца истражители влезе во СЈО за да ја подигне финаиската документација.
Професорот Гордан Калајџиев кој на почетокот беше и советник во СЈО, вели очигледно надоместоците биле потребни со оглед на ситуацијата во која ја вршеле обвинителите кои биле изложени на опасност, но смета дека начинот на кој тоа се реализирало е несоодветен.
Обвинителката Фатиме Фетаи, вчера рече дека надоместоцие ги добивале законски и дека сумите се слични на оние кои ги добиваат специјалните обвинители во регионот и некои пратеници за патни трошоци. Како симптоматично го посочи тоа што наеднаш сите институции почнале да ги истражуваат како да се најголеми криминалци, додека осомничените во нивните предмети делат правни совети.
Елена Ивановска Мукоска