Вмешана и трета личност во семејната драма на пратеникот Ацевски

Синоќешниот повик за помош до полицијата, денеска се претвори во вистинска драма. Порталите осамнаа со наслови: „Пратеник од СДСМ си ја претепал сопругата“и „Пратеникот насилник сакал да и` ги земе децата на сопругата“. Се шпекулираше со детали и изјави од соседи дека тоа не е првпат и дека пријави имало и порано.

Пратеникот, кој доаѓа од скопски Ѓорче Петров, тврди дека намало ниту физичко, ни психичко или какво било друго насилство. Изнесувајќи интимни детали, раскажа дека неговата сопруга, со која веќе подолго време не живее заедно, повикала полиција поради недоразбирање.

Сопругата Марија не сакаше да даде изјава пред камера. Во телефонски разговор ни кажа дека нејзиниот сопруг никогаш не бил насилен, имале расправии, но секогаш ги решавале мирно. Тврди дека не го пријавила него, туку трета личност, која била присутна за време на расправијата и, според неа, ги направила сите проблеми. Не знаеше да објасни зошто во полицискиот билтен стојат иницијалите на нејзиниот сопруг, а не на таа трета личност. Подоцна двајцата се огласија и на фејсбук, со што и таму предизвикаа лавина од секакви коментари.

Ацевски побара од институциите да го расчистат случајот. Ако се утврди негова одговорност, подготвен е да си поднесе оставка на пратеничката функција. Најави тужби за порталите и бара јавно извинување од колешката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, која побара одговорност за инцидентот.

Од МВР денеска не излегоа со повеќе детали. Во информацијата објавена во нивниот билтен, стои дека синоќа во 21 часот и 30 минути, во СВР Скопје се јавила 37-годишната М. А. од Скопје и пријавила дека 40 годишниот сопруг К.А. се расправал со неа и сакал да ги земе со него нивните деца. Полициски службеници излегле на местото на пријавата за расчистување на случајот.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ