
За 40 проценти повисоки плати за првите луѓе во кабинетите на министрите
Владата планира за 30 до 40 проценти да ги покачи платите на своите најблиски соработници – првите луѓе во кабинетите на министрите и градоначалниците. Измените на Законот за вработени во јавниот сектор се на ЕНЕР и чекаат забелешки. Се планира до крајот на годината да поминат на Влада. Министерот Манчевски вчера во емисијата „Топ Тема“ на „Телма“ ги потврди плановите, а потребата од толкаво зголемување ја правдаше со ставот дека тие луѓе биле 24 часа на работа.
- Тие воведуваат посебна категорија за шефот на кабинетот да зема плус плата од платата која ја зема државен советник потоа советникот на министерот да змеа дополнителсни средства потоа соработникот на министерот, кој што нема колку лица ќе бидат во рамки на оваа администрација вработени да си земаат дополнителни 30 посто од државниот советник. Па потоа зошто доаѓаат од други градови, зошто цела Струмица ја донесовте во Скопје да земаат и за одвоен живот што ќе седат во Скопје. Што е со останатите државни службеници“, вели Стаменковска-Стојковска.
Зошто е потребата од ваквите зголемувања?
- Да зошто овие луѓе се 24 часа на работа. Ограничен е бројот на кабинетските службеници шест, тројца што доаѓаат внатре од институциите и тројца надворешни“, вели министерот Манчевски.
Законот предвидува шефот на кабинет на министерот да зема плата како државен советник покачена за 40 проценти. Или од сегашните над 36.700 да добие плус речиси 14.700 денари и вкупно да зема околу 51.300 денари.Советникот пак на министерот да има плус додаток од 30 проценти што е за 11.000 денари повеќе или вкупно 47.700 денари.
А соработникот на министерот да има плата на државен советник плус покачување од 30 проценти или исто 47.700 денари.
Според Манчевски станува збор за 6 луѓе во кабинетите, но нема податок колкава е вкупната бројка на сите и колку пари ќе ги чинат граѓаните покачените плати на првите луѓе на функционерите во Владата.
Александра Филиповска