
Македонија не се плаши од новата методологија на ЕУ
Со желба новата методологија за проширување на Унијата да биде конципирана до крајот на јануари, а Македонија да го донесе Законот за обвинителство и да продолжи со реформи, францускиот амбасадор Тимоние изрази поддршка за европското интегрирање на Македонија.
Дел од пратениците во Советот за интеграции изразија сомневање дека Франција го попречува проширувањето на Унијата. „Уште колку нови документи ќе добиеме од ЕУ само за да почнеме преговори за членство“, праша Ивана Туфегџиќ.
Го разбираме нетрпението и сакаме да помогнеме, рече амбасадорот Тимоние.
–Нашите намери се да успееме заедно со вас, слушајќи ве и разбирајќи ве. Ние сме со граѓаните на Северна Македонија и јас слушам дека постои верба во европскиот проект. Европскиот проект треба да биде строг а не лиценца за оние што управуваат со тоа затоа што тие добиле датум, а потоа на внатрешен план да си прават што сакаат. Ние не се плашиме од доаѓањето на нови земји во Унијата, но сакаме тие земји да бидат доволно силни и доволно подготвени за да може граѓаните да ги контролираат своите влади и да го спроведуваат заедничкиот европски проект.
„Ние не се плашиме од новата методологија. Во земјава има консензус за зачленување во Европската унија“, посочи министерот Османи.
Османи побара опозицијата да помогне во реформите и во носењето на законот за обвинителство, а ВМРО ДПМНЕ и порача на власта да не држи монопол на преговарачкиот процес и да ги вклучи опозицијата, граѓанските здруженија и пошироката јавност.
Според Попоски, новата методологија најмногу ќе ги погоди Србија и Црна Гора, кои почнале преговори според едни принципи, а ќе треба да продолжат по други. Новите принципи предложени од Франција преку нон-пејпер сугерираат степенест напредок, конкретен бенефит од секоја помината етапа но и реверзибилност во случај на стагнација со реформите.
Соња Николовска