Воениот и цивилен кадар од Воено Медицинскиот центар ќе работи и во системот на јавно здравство

Воениот и цивилен персонал со медицинска, фармацевтска или стоматолошка струка од Воено Медицинскиот центар ќе може одреден број на часови да работи во системот на јавно здравство. Ова е дел од новите законски измени во Законот за служба во Армијата кои денеска ги најавија министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за здравство, Венко Филипче.

Тоа ќе биде придонес на Армијата за јавното здравство, за пациентите и граѓаните, но ќе биде и шанса за медицинските лица од Воено медицинскиот центар да имаат дополнително искуство и дополнителни примања – рече министерката Шекеринска.

„На ваков начин ќе ги јакнеме капацитетите особено со специјалистички кадар. Во Воено медицинскиот центар работат повеќе од 20 специјалисти. Имаме дополнителен број на помлади колеги кои што во моментот се на специјализација и тие нивните знаења и искуства не можат доволно да ги применат доколку работат исклучиво за потребите на Армијата. На ваков начин тие ќе помагаат и во јавното здравство, а во Законот предвидовме и луѓе од Јавното здравство да можат заедно со нив да учествуваат на пример на одредени НАТО мисии, кои што се добра  финансиска инекција за нивните семејни буџети“ изјави Шекеринска.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека оваа новина е во согласност со Стратегија за човечките ресурси во здравството на којашто во моментов се работи во Министерството. Стратегијата е до 2026 година и во неа ќе бидат разработени сите модалитети за дополнително унапредување на состојбите во здравството. 

Со измената Законот за здравствен заштита, секој тим од доктор и медицинска сестра  ќе биде максимално искористен и специјалистите доктори ќе можат целосно да ја остварат својата пракса. Овој закон дозволува работа на сите специјалисти  да работат дополнително во здравствени установи каде нема специјалисти за одредена област. На овој начин е наградување на специјализацијата, кадарот ќе се зајакне, прво преку дежурствата, а потоа и преку влегување во системот на Мој термин додаде Филипче.

           Тој истакна дека благодарение на измената на Законот за служба ќе се овозможи на сите вработени во ВМЦ да ја надградуваат својата екпертиза, дополнително да заработат и Јавното здравство да има бенефит од надополнување на кадарот таму каде што најмногу недостига.

„Овој Центар ќе биде поатрактивен и за младите лекари заради тоа што освен овие обврски кои што ќе ги имаат во рамките на ВМЦ врзани за Армијата, ќе се отворат дополнителни опции внатре во  НАТО системот, сепак ќе се најдат и во системот на jавно здравство“ – додаде Филипче.

Министерката Шекеринска  најави уште една новина која ја предвидува Законот за служба во Армијата, а се однесува на цивилите во Армијата. Со измените во Законот, цивилите на служба во Армијата ќе добијат за 10% повисоки плати, со што ќе се приближат со износите кои ги добиваат воените лица.

„Со Законот, сите цивили кои работат во Армијата ќе добиваат дополнителни приходи заради тоа што нивните плати долго време биле потценети. Имавме случај и во ВМЦ да личност која што има медицински факултет, која што има високо образование има помала плата од лицата кои што работат до нив во канцеларија, а се на пример со средно образование“ објасни министерката.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ