Хулиганска прослава на државна сметка- за триесет години постоење, „Шверцери“ во МНТ

Триесетина расклатени столчиња кои секој момент може да се откачат, искршени лајсни, демолирани орнаменти и искинат тапацир. Ова е сликата која ја затекнавме три дена по хулиганската прослава на навивачката група „Шверцери“ спонзорирана од државата и нивниот поранешен прв човек на трибината – Артан Груби. Висината на штетата дополнително ќе се утврдува, а според вработените некои од орнаментите ќе останат искршени бидејќи не е можно нивно репарирање или санација.

Што точно се случи во петокот навечер и како „Шверцерите“ од владината свеченост за Денот на Албанската азбука си направија приватна бесплатна прослава на триесетгодишнината на основањето во зградата на државниот театар за кој се платни 40 милиони евра.

Директорката на театарот, Симона Угриновска и Артан Груби со дијаметрално спротивни  тврдења.

Угриновска тврди дека станува збор за два различни настани во рамките на свеченоста за Днот на Албанската азбука. За првиот официјален дел на кој присуствуваше висока владина делегација и се обрати премиерот Заев договарано било со министерството за култура за сите детали.

МНТ: „Вториот настан беше првично најавен и организиран од Артан Груби, пратеник. Имавме информација дека ќе се проектира документарен филм во траење од 30 минути, но за содржината на истиот не добивме информации, ниту беше најавено присуство на навивачка група на фудбалски клуб.Очекуваме од органзираторот на вториот настан да ја надомести штетата предизвикана во објектот“.

Сепак од театарот нема објаснување зошто се согласиле и му ги исполниле барањата на пратеникот  од ДУИ.

Груби демантира дека организирал, и вели дека станува збор за политичка хајка и предизборна кампања без да прецизира од кого.

Артан Груби: „Дивеење е упадот, тепањето и скандирањето во Собрание на 27 Април, а не прослава на навивачи, каде што се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам и насилство кое што би го осудил во секој момент. Театарот му припаѓа на народот, не е вмровски, сдсмовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, со парите на граѓаните.“

И навивачката група „Шверцери“ се огласи преку нивната страна на социјалната мрежа „Фејсбук“ каде што ги демантираа дека направиле било каква штета во тетарот.

Единствено премиерот Зоран Заев го осуди однесувањето на навивачите и побара одговорност за вандализмот.

Останува нејасно и зошто полицијата која според зборовите на вработените била во и околу театарот не реагирала и ги оставила „Шверцерите“ и Груби да си ја завршат, како што велат, мирната прослава.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ