
Во заштитената зона во Старата скопска чаршија се гради на големо
Во Старата скопска чаршија се гради на големо. Мајсторите качени на скелиња, заваруваат. Одоздола на банер има слика како ќе изгледа објектот којшто го градат на местото на поранешна Менада. Но, станува збор за заштитена зона. Таму не смее да има градежни работи без целиот процес да го помине филтерот на државните институции коишто се грижат за културното наследство каква што е Чаршијата. Затоа побаравме став од Управата за заштита на културно наследство, како инвеститорот има дозвола да гради ако објектот не е според стандардите за заштитена зона.
Управа за заштита на културно наследство: Инвеститорот погреши и ја плати глобата. Го упативме во Градскиот конзерваторски центар. Таму ќе ги добие насоките како треба да изгледа проектот во заштитена целина како што е Старата скопска чаршија.
Како треба да изгледа еден објект во заштитена зона треба да кажат од конзерваторскиот центар, но оттаму пак се уште не знаат дека инвеститорот треба да добие насоки од нив.
Градски конзерваторски центар: За ова немаме информации. Постапуваме согласно Законот. Но, ние бевме на увид, направивме фотографии и документите се доставени до Управата за заштита на културно наследство.
Менада беше затворена на крајот на јуни и подготовките за нов објект таму се започнати летово. Камерата на Телма освен мајстори на тоа место, затекна и на други локации во Старата скопска чаршија, а дали градежните работи се легални и според Законот е под ингеренција на општинските градежни инспектори.
Петар Догов