Жестока расправа за буџетот во комисијата за финансирање и буџет

Жестока дебата, постојани дофрлувања – Предлог Буџетот за 2020 година тргна во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Ангеловска во одбрана на државната каса. Рече скроиле реален, развоен Предлог Буџет кој е инвестиција во човечкиот капитал.

Сакаме да ги задржиме граѓаните во земјава –  рече таа.

„Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живеење и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на своите работни места. Во 2020 година сериозно ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто во подобри услови за живот на сите наши граѓани“ – изјави Ангеловска.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е најголемиот, најрасипничкиот, најкоруптивниот и најнеразвојниот буџет во историјата на земјава, наменет за поткуп на гласачи. Кординаторот Мицевски, од прес говорницата се закани дека ќе трае до 12 април, а потоа кога тие ќе дојдат на власт ќе има ребаланс.

„Ова не е ни приближно вложување во човечки капитал туку класичен пример за буџет кој ќе служи за поткуп, уцени и корупција на гласачите. Заев и Нина Ангеловска во услови кога го зголемуваат буџетот за 200 милиони евра, наместо да ја покачат ја намалуваат ставката за капитални инвестиции за 43 милиони евра.“- вели Мицевски

Во одбрана на предлог буџетот застанаа и пратениците од власта

„Реално остварлив Буџет, во согласност е со проекциите и на домашната и на меѓународната јавност. Овој предлог буџет е во согласност и со проекциите посебно во делот на растот на нашата народна банка, приходите и расходите се проектирано соглансо растот на нашата економија“- рече Иванов

Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ пак рече дека ова е популистички , предизборен буџет со кој се потценуваат граѓаните.

„Сето тоа се започнати проекти кои за жал одат само со заеми и останува буџетот како социјална категорија, прибирање даноци и предизборно, без навреда на гласачите меѓутоа вие тоа го правите кон нив сдакате да купите гласови од нив со ваков социјален буџет кој ќе им адалекусежни последници врз економијата. Врз развојот на државата. Понижување е точно колега„- изјави Кузмановска.

Владата до година планира да потроши 3,9 милијарди евра, а да собере од 3,6 милијарди и да се задолжи 1 милијарда евра.

Покрај раст на платите во здравството и образованието, ќе растат и пензиите. Проектирано е  БДП да порасне 3,8 проценти,а  буџетски дефицитда изнесува 2,3 проценти. Дебатата на матичната комисија ќе трае 10 дена, а потоа Предлог Буџетот оди на гласање пред пратениците.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ