
22-годишен затвореник најден мртов во келија во кумановскиот затвор
22-годишниот кумановец Љабинот Мисини кој издржувал едногодишна затворска казна во затворот во кумановското Кшање е најден мртов во неговата келија.
Починатиот е најден при вчерашното утринско пребројување на затворениците, потврдија за Телма од кумановскиот затвор. Повикана е полиција и обвинителство кои отвориле истрага, а телото на затвореникот е предадено на обдукција.
Проверувани се и безбедносните камери, а земени се изјави од вработените кои биле на смена во затворот и од затворениците од крилото каде е најден починатиот. Мисини бил сам во келијата и претходно не барал лекарска помош, тврдат од кумановскиот затвор. Откако дошол во затворот се жалел и неколкупати се заканувал дека ќе се повреди и ќе си наштети. Според првичните информации на неговото тело немало физички повреди, но причината за смртта ќе биде утврдена со законски предвидената обдукција.
Мисини пред десетина дена бил префрлен од малолетничкиот затвор во Охрид. Бил донесен во кумановскиот затвор за да издржи казната од една година по пресуда откако запалил келија и инвертар во неговата келија во малолетничкиот затвор.
Во тек била и постапка пред апелационен суд по негова жалба откако бил осуден на 3,5 години казна за силување извршено во Куманово за време на негово затворско отсуство од малолетничката поправна установа.