
Младите во земјава не знаат како да си го чуваат гинеколошкото здравје
Младите во земјава не знаат како да си го чуваат гинеколошкото здравје, загрижено коментира претседателот на Здружението на матични гинеколози, Душко Филиповски.
Кај него во канцеларија секојдневно доаѓаат девојки со гинеколошка компликација до која не би дошло ако тие се доволно едуцирани. За да почне да се решава тој проблем, Филиповски смета дека е неопходно да се направи програма за сексуално образование во училиштата и таа побрзо и поинтензивно да се спроведува во пракса. Владата одлучи дури за две години да се воведе пробно сексуално образование во четири училишта, во урбани и рурални средини.
Не се знае како ќе се вика предметот и во кои училишта ќе се воведе наставата во 2021 година. Нема да има оценување за учениците, а предавачи би биле стручни лица или наставници кои самоиницијативно ќе се пријават. За сега младите се оставени да се водат по тоа што го пишува на интернет, а таквите пристап е погубен – предупредува Душко Филиповски.
Институтот за јавно здравје води статистика за прекин на несакани бремености, но според гинеколозите, таа бројка не ја отсликува реалноста. Има многу случаи кога жените на своја рака посегнуваат по некакви медикаменти за да абортираат и тоа не е под контрола на специјалист-гинеколог.
Петар Догов