
Осум села во Карбинци ќе го решат проблемот со водата за пиење
Осум села во општината Карбинци трајно ќе го решат проблемот со водата за пиење. Тендерот за изградба Филтер станица, која ќе ја прима водата од најсовремениот систем за водоснабдување Злетовица е распишан.
Инвестицијата за 3.400 те жители чини 2.700.000 евра. Карбинци е првата општина која ги користи средствата за целосно ставање во функција на Злетовица, од којашто со вода се снабдуваат само две општини, а е проектирана за пет. Жителите на оваа рурална општина освен чиста ќе добијат и поевтина вода за пиење.
Вакви филтер станици треба да се изградат и во Лозово, а во Штип и Свети Николе треба да се реконструираат. Без нивно приклучување хидросистемот Злетовица, кој е граден со заем од Јапонија ќе остане нерентабилен. Во меѓувреме се бара и нов заем за систем за наводнување на 4.100 хектари и изградба на шест мали хидроцентрали.
Злетовица е проектирана за обезбедување на чиста вода за пиење на околу 100.000 жители, а кредитот од јапоснка Џајка од сто милиони евра треба да се врати до 2028 година.
Викторија Димитрова Јованова