Жителите од с. Грчец три дена без струја – нема настава во студените училници

На само десетина километри оддалечено од центарот на Скопје, цело село Грчец живее во темнина, без струја. Не знаат уште колку време мака ќе мачат со секојдневните обврски и чекаат на реакција од надлежните.

Децата три дена пропуштаат настава заради големиот студ во училниците рано наутро. Луѓето носат облека на перење кај блиски или познаници, а се снаоѓаат за греење.

Екипата на Телма отиде во обиколка на селото. Поразговаравме со некои од жителите. Дел од нив беа расположени да зборуваат пред камерата.

Едниот од нив си ги кажа маките со коишто се соочува во изминатите три дена и ги праша надлежните како да се грее на дрва ако со тоа го загадува воздухот, а нема друг избор.

Побаравме одговор од ЕВН зошто се случува селото Грчец да е без струја.

Од таму тврдат дека проблемот е во жителите коишто не дозволуваат да се реконструира електроснабдувањето во селото затоа што дел од нив се приклучени нелегално.

„Екипите на Електродистрибуција излегуваат на терен кога е безбедно за работење и кога не се попречувани. Но, веднаш по отстранувањето на дефектот останува старата болка, оние што нелегално ја користат електричната енергија и не дозволуваат да се реконструира, создаваат големи товари и повторно се јавуваат дефекти. Овој пат дефектот е од потежок карактер, веќе не е на нисконапонска мрежа туку на среден напон, што потешко и подолго се решава. – соопштија од ЕВН

Селаните од Грчец кои ни кажаа дека не веруваат дека станува збор за дефект, очекуваат во најбрзо време повторно да светнат светилките во нивните домови, а засега се уште не дејствувале организирано.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ