Мерко контра Владата, регистар на дивоградби нема

Дивоградби во Струга официјално нема. Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко упорно ги игнорира барањата на централната власт и Националната комисија да ја достави листата на дивоградби во градот и во заштитениот појас, неопходна за да се направи план и стратегија за заштита на крајбрежјето.

Претседателот на националната комисија за УНЕСКО, министерот Едмонд Адеми кој неколку пати досега кажа дека лично бил известен од струшкиот градоначалник дека е прашање на денови кога регистарот ќе биде на неговот биро најави дека ќе побара од Владата да ги искористи сите законски механизими кои и стојат на располагање за Мерко конечно да ги посочи дивоградбите.

Адеми веќе подготвил информација која ќе биде доставена до Владата на следната седница.

Неговиот сопартиец, министерот за животна средина Насер Нуредини, кажа дека со Мерко се разговара и дека очекува региратор да биде доставен најдоцна до утре.

Според Нуредини на Мерко не му се гледа низ прсти.

Градоначалникот Мерко во повеќе наврати во јавноста тврдеше дека во Струга нема дивоградби, бз аргументи, и без докази, очекувајќи дека треба да му се верува на збор.

Меѓутоа неговиот став не го делат сите. Колегата и сосед тврди спротивно.
Во јули годинава Мерко преку соопштение ја информираше јавноста дека ги предава ингеренциите на централната власт и дека доколку треба да се руши и да одземаат концесии Владата треба да го стори тоа.

И Мерко и Владата го премолчеа фактот дека тој не може да ги отстапи ингеренциите туку тие може да му бидат одземени а постапката е прецизно утврдена и може да ја иницира само оној кој во моментов упорно молчи и толерира – Владата.

Претседателот на Националната комисија, министерот Адеми, вели дека веќе не се исклучува можноста да се почне со тој процес.

 Во меѓувреме е изготвен акциски план за спас на Охридското езеро во кој поради струшкиот градоначалник недостасуваат податоци од струшкиот дел на крајбрежјото.

Овој, половичен извештај е доставен до УНЕСКО, од каде деновиве треба да пристигне мислење за предложените мерки во планот.

Антикорупциската отвори предмет околу финансиското работење на градоначалникот Мерко, утврди низа нерегуларности и неправилности, нетранспарентно трошење на буџетски пари и побара отварање на кривична постапка против него.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ