Извршителите наплатиле 20 милиони евра од државните институции

Државните институции годинава не кренале глава од извршители. Сума од околу 20 милиони евра само од јануари до ноември годинава наплатиле извршители од сметките на државните институции – покажува пресметката на „Телма“.

Во овој период имало над 37.500 извршувања, а во просек биле наплатувани по над 60.000 евра дневно. Ова се глада од новата алатка „Отворени финансии“ што ја објави  Министерството за финансии.  

Рекордер на листата извршувања е Министерството за транспорт. Само годинава имало над  10 извршувања вредни повеќе од 5 милиони евра. Најголемиот дел ги наплатила извршителката Фанија Каламатиева, речиси 2, 2 милиони евра. Извршувања имало  и за многу пониски суми. Од министерството велат дека по основ на судски пресуди исплатиле вкупно 6 милиони евра, во кои покрај долгот, каматите и судските трошоци, наплатени се и трошоците за извршители. Сепак не прецизраат кој и за што ги тужел.

Извршувања имало и кај Министерството за образование, од каде извршителот  Зоран Димов наплатил 378.000 евра. Димов вели дека извршувањето е по судска пресуда за неплатени обврски кон фирма која им давала сметководствени услуги на сите училишта. Тој објаснува дека ваквите извршни решенија прво се праќаат кај институцијата и кај правобранител, па дури потоа се извршуваат.

Извршителот  Гордан Станковиќ наплатил пак 262.000 евра од сметката на Министерството за здравство. Од ресорот велат дека парите се наплатени поради судска пресуда заради спор со фирма која работела на  реконструкцијата на Општата болница Прилеп.

Податоците покажуваат дека речиси и да нема институција , министерства, и други институции од кои не биле наплаќани пари преку изврпшители. Но засега нема можност да се види колку пари се наплатени од сметките на јавните државни претпријатија, кои важат за најголеми должници, како ниту на општините.

Податоците покажуваат дека граѓаните од Буџетот  плаќаат и за неодговорното работење на функционерите кои долговите на институцијата со која управуваат дозволиле да стигнат до извршување, постапка со која покрај за долгот, голем дел од наплатените пари завршуваат во џебот на извршителите.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ