
Мицкоски: Ќе подржиме се што е добро за Македонија и за Бугарија
ВМРО ДПМНЕ поддржува се што е добро за Македонија и за Бугарија, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Мицкоски е лицемер-пред странските политичари го поддржува договорот со Бугарија, а во земјата го негира, смета СДСМ.
Ова се двете толкувања на видеото што на социјалните мрежи го објави бугарскиот премиер Бојко Борисов, по средбата со Мицкоски во Загреб.
СДСМ го обвини Мицкоски за лажен патриотизам и за нечесен однос кон граѓаните и кон државата.
За ВМРО ДПМНЕ, ова е ширење лажни вести. Потенцираат дека поддржуваат соработка и се што е добро за граѓаните на двете држави.
Борисов се интересирал и за позициите на ВМРО ДПМНЕ кон европските и евроатлантските интеграции. Мицкоски го уверил дека тука нема никаква дилема, особено ако се имаат предвид брачните и образовните конекции на дел од раководството.
Лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на ГЕРБ, Мицкоски и Борисов, се сретнаа на маргините на Самитот на Европските народни партии, што се одржува во Загреб.
Соња Николовска