Покриена од глава до петици Катица Јанева спроведена во куќен притвор

Со наведната глава и покриено лице, поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) а сега второобвинета во случајот „Рекет“, Катица Јанева, излезе од полициското комбе со кое беше спроведена од истражниот затвор во Шутка, до станот на нејзиниот син во центарот на Скопје. Не одговори на новинарските прашања додека тројцата унифомирани полицајци ја носеа кон влезот и станот каде што од вечерва таа ќе биде во куќен притвор.

Апелацискиот суд денеска ја уважи жалбата на Јанева на одлуката на Кривичен за продолжување на притворот и ја укина мерката заменувајќи ја со домашен. Решението за неколку часа беше на масата на диркеторот на „Шутка“, Есад Рахиќ, и нешто по 17 часот таа веќе ја напушти ќелијата во која престојуваше речиси три месеци.

Од Апелациониот суд соопштија дека при носењето на одлуката ја ценеле здравствена состојба на екс специјалната обвинителка, околностите дека може да се обезбеди од дома и дека веќе против неа е поднесен обвинителен акт.

Оттаму додадоа дека на Јанева и се одзема патната исправа, државата не смее да ја напушти ниту со лична карта и  има забрана да комуницира со луѓето инволвирани во случајот „Рекет“.

Јанева поднесе жалба и до Кривичниот суд на одлуката за продолжување на притворот а како гаранција понуди три стана, но жалбата беше одбиена.

Јанева беше уапсена на 21 август и оттогаш е во притвор во Шутка.

Судењето за случајот „Рекет“ почнува на 3 декември а на обвинителната клупа покрај Јанева се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски.         

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ