
Ветинг за судии ќе подразбира испитување и на адвокатско-судско-бизнис врски
Спроведување и продолжување со реформите за да се врати довербата во судството, но и старт на идејата за ветинг на судиите, тоа било разговарано на средбата меѓу министерката Рената Дескоска и еврокомесарката за правда Вера Јурова во очи на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан кој денеска започна во Скопје. За ветингот нема да има одлука на овој форум, но идејата е квалитетот на судството да се подобри со тоа што ќе се испита минатото на оние што ја делат правдата.
Дескоска како и останатиот дел од владата смета дека за недонесената одлука за отворање преговори за членство не е поради судските реформи, туку поради внатрешните прашања на Унијата и тоа ќе им го каже на министрите присутни на форумот во Скопје. Новиот закон за јавно обвинителство е во застој затоа што сегашните преговори на партиите покажале дека нема да донесе нов квалитет. Со реформи ќе се продолжи, но смета дека и судиите треба да придонесат за подобро судство.
Веднаш по европското закочување на пристапот за преговори, во Скопје се одржува форумот под покровителство на финското претседателство. Присутни се еврокомесарите за правда и за внатрешни работи и миграции, како и министрите за правда и за внатрешните на земјите од Блаканот. Два дена ќе расправаат за реформи во клучните области кои и по досегашниот начин на преговори и со нон пејперот на Франција остануваат области на кои европјаните најмногу внимаваат. Тоа се слободите и правата, како и функционална правна држава кои се оценуваат во целиот тек на преговори за членство во ЕУ.
Миомир Серафиновиќ