
Путин, секој месец во нова поза
Почна продажбата на новиот календар за 2020-та година со фотографии од рускиот претседател Владимир Путин. Љубителите на Путин можат да го гледаат секој месец во различна поза. Дел од фотографиите ја прикажуваат неговата понежна страна, а другите се од политичките успеси. Путин е толку долго на власт, што календарите со него се веќе традиција во земјата, а и побарувачката за нив е на завидно ниво. Календарот предизвикува различни емоции кај Московјани, од еуфорија до рамнодушност.
Купувам календари со нашиот претседател секоја година. Живееме во Русија и си го сакаме нашиот претседател, исто како и тој нас. Тој е нашата амајлија за среќа,
вели Светлана Туркова.
Ја следи нашата стара традиција, како што имавме портрети од советското лидерство кои висеа насекаде..Неутрална сум за ова,
вели Алиса Федеева.
За младите луѓе, ваквите календари се добри за постарата генерација.
Мислам дека има место за овие календари. Нема да им помине улогата. Постарата генерација ќе ги користи, но не и младите, тие имаат календари на мобилните телефони. Како и да е, овие календари се профитабилни,
тврди Јана Ликхан.
Календарите со Путин, иако се едни од најбараните производи во книжарниците, во поголемите руски градови се купуваат и се ставаат во канцелариите поради шега. Но, не и во некои рурални делови од Русија, каде Путин е сфатен како религиозна икона. Не се знае каде се произведуваат овие календари, достапни се на осум јазици, и се продаваат на интернет, со различни димензии и цени. Најскапиот е 14 долари. Се купуваат масовно, според аналитичарите, можеби поради носталгија по силна машка фигура во светот. Во Италија на пример, календарите со фашистичкиот диктатор Мусолини направија камбек оваа година. И Путин годинава има конкуренција од поранешниот советски лидер, Сталин. Календарите со него повторно се барани. А тоа дефинитивно не е шега.
Алиса Шутиноска