
Богдановиќ контра ОЈО – тврди дека доставиле докази за малверзации околу барокната катна гаража
Градоначалникот на Центар, Богдановиќ им се спротивстави на обвинителите кои тврдат дека до нив не се доставени докази од Општината, за малверзации околу барокната катна гаража за која има судска пресуда дека може да почне да се гради на земјиште кај „Автомакедонија“ во центарот на Скопје. Богдановиќ го тврди спротивното и упати молба до Обвинителството да почне да го истражува случајот.
„Па да земам да се самозапалам за да реагира некој?! Искрено, еве“ изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Од Обвинителството вчера кажаа дека тие самите пред два месеци побарале да добијат на увид документи како докази. Но, тоа не се случило.
„Од Општина Центар до Обвинителството доставија единствено Правилник за определување на цената на градежното земјиште. Со ова тие не постапија по повторното задолжување од страна на јавниот обвинител да ја достават релевантната документација“ соопштија вчера од Основно јавно обвинителство – Скопје.
Како одговор на тоа, градоначалникот Богдановиќ денес свика прес-конференција за да ја увери јавноста дека докази до Обвинителството се доставени уште пред три години и тоа од претходниот градоначалник на Центар, Жерновски.
„На 03.02.2016 година, до ОЈО, Општина Центар доставиле 72 списи. Не знам што повеќе. И повторно имаме на петти февруари доставено дополнување. Записник, решение, дополнителни материјали“ изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Инвеститорот Никола Настески, сопственик на фирмата „Никофон“ сега има документ кој му овозможува да ја разработи механизација и да почне да го оградува и подготвува теренот за градба, во близина на Старата железничка станица. Тоа е единствената површина спасена од проектот „Скопје 2014“. За тоа да не се промени, центарци излегоа да протестираат пред два дена.
Петар Догов