
Ружа на ветрови ја сокрила хаваријата во Охис, тврди инспекторот
Во понеделник направено, но досега не е доставено повтореното испитување на воздухот од страна на АБХО единицата на АРМ. Не го добил ниту инспекторатот, а фирмата писмено го барала од Генералштабот. Бројките ќе се знаат, но тоа истражување нема да открие каде исчезнале 11 тони метил акрилат мономер. Според пописот во Охис од пред повеќе деценија толкава количина имало во цистерната која ја предизвика петочната хаварија во некогашниот скопски гигант.
Мистеријата не се решава со истрага туку со претпоставки.
Колку навистина имало метил акрилат во Охис не знае ниту сопственикот на фирмата Еуроцентар која за речиси 2 милиони евра треба да го исчисти Охис од опасен отпад. Владо Момировски ни потврди дека пишувало 11 тони, но тие при проверките ја нашле празна цистерната. Претпоставките се дека или испарило или сметководствено е ставена таа сума за да не излезе дека некој крадел од Охис. Пописот преку кој го добиле тендерот не бил точен, имало повеќе хемиски соединенија отколку што се наведени во документацијата, имало грешки во количина на хемиски супстанци, имало непознати материи кои испитувале за да видат колку се штетни.
Се уште не е утврден ниту точниот момент на хаваријата, кога загадената вода од цистерната се излеала и почнала да смрди околу Охис. Во цистерната во која немало 11 тони, вработените во Еуроцентар ставиле вода да ја исперат, но вентилот попуштил и водата се излеала. Инспекторатот тврди дека во Охис имало постојано чувари, но не намирисале.
-Претпоставуваме дека не го осетил поради ружата на ветрови и мирисот бил однесен на друга страна, рече инспекторот за заштита на животна средина Хисни Тачи, во емисијата Топ тема на Телма.
Охис е коктел бомба од опасни хемикалии складирани во главниот град, најопасниот линданот треба да се чисти со операција и пари од Унидо, односно од одделот на Обединетите нации специјализиран за чистење на опасни материи. Ама и тој тендер во Женева е пролонгиран за до декември иако веќе требаше да се знае кој ќе го чисти Охис од линдан.
Миомир Серафиновиќ