Груевски не мора да ја мисли „Траекторија“- му остана едно судење помалку

Ова време лани, експремиерот Груевски се спаси од затвор за Тенк, една година подоцна куртули од судење за кинеските автопати.  За првиот случај спасот го најде во Будимпешта, овојпат во апсолутната застареност, истекол рокот за гонење, а правосилна пресуда нема. За бегството одговорност не се лоцираше кај никого, засега не се бара одговорност ниту за застареноста.

Адвокатот на Груевски поставен по службена должност иницираше, а судијата Горан Бошевски денеска констатираше дека на експремиерот повеќе не може да му се суди поради апсолутна застареност за гонење.

Според пресудата со буџетски пари ќе се покријат трошоците на Груевски за судска постапка, кои може да достигнат илјадниците евра од надоместоци за адвокатите, па се до евентуални трошоци за вештачења, сведоците и др ..

Судии за Телма објаснуваат дека според досегашната пракса, процедурата е таква што Груевски со судската пресуда треба да  достави до министерството за финансии барање за исплаќање на трошоците кои потоа треба да му легнат на сметка.

Ова е една од причините поради која има реакции на социјалните мрежи но граѓаните најчесто коментираат дека нивните долгови за комуналии од пред 10 години не застаруваат, а за сериозни кривични дела политичари се спасуваат.

Обвинителката Лиле Стефанова има право да се жали. По рочиштето таа не сакаше да коментира за тоа што повеќегодишното гонење на Груевски во Траекторија падна во вода       

Од републичкото обвинителство ни одговорија дека откако ќе ја добијат одлуката на судот ќе ја разглегаат и ќе одлучат дали ќе вложат жалба .

Ниту обвинителството, ниту судот не сакаат да се впуштаат во критика или самокритика, кој потфрли и зошто судењето до сега не заврши. Две години предметот е во судница, а Траекторија е се уште во доказна постапка.

Во понеделникот за Телма анализираа од Коалицијата за правично судење. Посочија дека иако рочишта се закажувале по два три пати месечно изведување на доказите сепак изведување на доказите трае подолго, затоа што кратко траеле самите рочишта. 

Но Траекторија не е завршена за поранешните соработници на Груевски. На Миле Јанекиевски Владимир Пешевски И Љупчо Ѓоргиевски продолжува да им се суди за злоупотреба на службената положба бидејки ова дело предвидува повисоки казни и со тоа подоцна застарува, за разлика од Груевски кој одговара за примање награда за противзаконито влијание за кое е предвидена казна затвор до 3 години и застарува за  6.

 Предметот Траекторија се однесува на незаконитости при изборот на компании што ќе ги градат автопатите Миладиновци Штип и Кичево Охрид. На Груевски во отсуство му се суди и за Титаник ,ТНТ, Талир 1 и 2, Шамари во Центар.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ