
Франција доставила предлог за нова методологија за преговори со ЕУ
Франција доставила предлог за нова методологија за преговори за членство на ЕУ, која очекува дека ќе биде усвоена најдоцна до март, по што Европскиот совет може повторно да се произнесе по прашањето на давање датум за преговори со земјава. Ова францускиот претседател Емануел Макрон му го соопштил денеска на македонскиот колега Стево Пендаровски на средбата во Париз, прецизирајќи дека Франција никогаш не била за тоа полноправното членство на Македонија да биде заменето со каква и да е алтернатива.
„Имаат предложено еден нон пејпер до земјите членки и почнал да циркулира пред недела дена. Очекува дека тоа ќе заврши наредниве месец до два комплетно со инпут од останатите земји членки, со коментари, евентуално амандмани. Начелно, тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март. Значи по промената на методологијата, отприлика кажано, некаде до март би требало тоа да се заврши, тој ми рече дека потоа би можело да се очекува одлука на Европскиот Совет на следниот самит на ЕУ“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Македонија.
Пенадаровски кој на Макрон му пренел дека земјава не прифаќа никава алтернатива на полноправно членство, без оглед колку години да траело тоа, добил, како што вели прецизен одговор од него.
„Ми рече прецизно – никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Македонија.
Макрон најавил дека ќе ја посети Македонија во првата половина од 2020 година за лично да ги увери македонските граѓани во тоа дека не и нуди на земјава алтернатива за полноправното членство.
Пендаровски и Макрон изложувајќи ги секој своте аргументи ја расчистиле ситуација по неколку битни точки околу пристапувањето на земјава во ЕУ. Меѓу тие точки е и позицијата околу новата методологија.
„Ние сме комплетно позади принципот на реверзибилност. Тоа значи дека ако одредено поглавје го затвориме успешно, по извесен период од време се јават проблеми во иста област, на пример слобода на медиуми, да не вратат назад, се согласувам. Дури во еден момент му реков ако сакате и како полноправна членка, кога би биле, да не исклучите од членство од Европската Унија, слободно направете го тоа, бидејќи не ми е интерес мене да бидам јас членка таму, а да не бидам демократија“, рече Стево Пендаровски, претседател на Македонија.
Нон-пејперот од Франција за новата методологија, како што бил информиран Пендаровски, е на околу три страници, без прецизни детали туку само ги опфаќал начелата до кои треба да се придржуваат земјите-кандидати и земјите-членки кои го проценуваат нивниот прогрес.
Тамара Грнчароска