2-ца загинати , 7 исчезнати во страотните пожари во Австралија

Најмалку 2 лица ги загубиле животите а уште 7 се водат како исчезнати во страотните шумски пожари кои беснеаат во Австралија.

Вонредната состојба во најтешко погодената држава Нов Јужен Велс е на сила веќе втор ден по ред а надлежните посочуваат дека најлошото допрва следува.   Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Бериџиклијан, предупреди смртоносниот биланс ќе продолжи да се зголемува во текот на денот.

За жал, тоа што го доживеавме вчера беа пожари без преседан. Додека сум тука со вас, имаме повеќе од 70 пожари кои горат во државата, повеќе од 40 од нив се надвор од контрола а најмалку 5 се со најголем ризик. Но, тоа што е трагично во овој миг е дека имаме потврда дека најмалку 2 животи се изгубени, има уште барем 7 луѓе кои не знаеме каде се и за жал морам да кажам дека таа бројка може да се зголеми во текот на денот”- изјави премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Бериџиклијан.

Повеќе од 1000 пожарникари се обидуваат да ги стават под контрола огненените стихии во нов јужен велс , со поддршка на повеќе авиони. Силниот ветер и температурите од 35 степени целзиусови само дополнително го разгоруваат огнот, кој се шири во регионите зафатени со подолг период без никакви врнежи дожд.

Шефот на пожарникарите во Нов Јужен Велс, потврди дека од досегашната работа на спасувачите биле идентификувани најмалку 100 уништени куќи во пеколните пожари.

Очекуваме таа бројка да се зголеми и треба да сме подготвени за таа бројка да се зголеми и тоа прилично многу, затоа што имаме голем број пожари и знаеме за опожарени региони каде што едноставно досега не бевме во можност да пратиме луѓе за да ги провериме и да направиме барем првична проценка– посочи, шефот на пожарникарите во Нов Јужен Велс, Шејн Фитсимонс.

Медиумите пренесуваат информации за голем број луѓе заробени во своите домови, додека пожарникарите и спасувачите не можат да стигнат до нив заради силината на пожарите. Илјадници луѓе морале да се евакуираат а пожарите уништија мостови, училишта и далноводи. Сепак, голем број од луѓето се обиколени од повеќе пожари истовремено кои беснеат насекаде околу нив и едноставно немаат ниту каде да бегаат и им останува да се надеваат дека огнот ќе ги заобиколи.

Па, ние ќе останеме тука, навистина немаме каде да одиме на друго место. Шумите се подолу и би можеле да завршиме во пожарите. Доколку изгори и не заобиколи, ќе бидеме во ред– вели Брајан Сомервил.

Огромен проблем за пожарникарите претставува фактот дека пожарите се шират на територија од околу 1000 километри а во текот на вчерашниот ден во нов јужен велс во ист момент, 17 пожари имале највисок степен на опасност по животот на луѓето и нивните домови.

Пожарникарите предупредуваат дека временските прилики ќе останат неповолни во текот на целата наредна недела, но ништо подобро не се очекува од летните месеци – Декември, Јануари и Февруари.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ