За бизнисот растот на БДП од 3,5 проценти годинава е неостварлив

Бизнисот ќе биде во „грч“ најмалку до втората половина на идната година, до формирањето на новата влада. Бизнисмените контра Гувернерката Бежовска, ефектите од предвремените избори нема да бидат краткотрајни, туку ќе го закочат стопанството. Планираниот раст од 3,5 проценти за годинава, го сметаат за преоптимистички. Велат проекциите и на централната банка и на Владата се неостварливи.Она што го гледаат на терен е дека кампањата е наголемо почната, а сите проекти, особено подолгорочните веќе се во застој.

И со самата најава компаниите почнаа резервирано да гледаат на сите оние проекти кои што ги имаа пламнирано за следната година. А и со самото тоа што ќе бидеме во очекување на новата влада се она што беше планирано за првите шест месеци од 2020 година дефинитивно ќе биде во фаза на застој. Не верувам дека ќе успееме да го постигнеме овој раст од 3,5 проценти,

вели Арсовска.

Дека изборите се кочничар за економијата, смета и првиот човек на Стопанската Комора, Азески. Вели  постојат законски ограничувања за спроведување јавни набавки, а и инвестициските активности на компаниите често се злоупотребуваат за изборни цели. Атмосфера во која  бизнисот не може нормално да функционира.

За предвремени избори се зборува веќе три месеци, закажавме избори 5,5 месеци порано и да претпоставиме дека уште еден месец ќе има приговори, прегласувања,… Практично, цела година сме во некаква тензија,

вели Азески.

Гувернерката Бежовска вчера рече дека е можно предвремените избори  да ја забават економијата, но дека вообичаено ефектите се чувствуваат во пократок рок. Инаку Народната банка исто како и Владата прогнозира дека економијата годинава ќе порасне 3,5 проценти, а за до година 3,8. Проекции кои се над очекувањата на сите меѓународни финансики институции кои прогнозираат раст на БДП за годинава од 3,2 проценти.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ