
Во Женева средба на Заев и Димитров со Дендиас
На маргините на Светскиот економски форум во Женева денеска премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе се сретнат со шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас.
За средба со Заев и Димитров, говореше Дендиас во вчерашното интервју за грчкото радио „Тема фм“. Дендиас рече дека Европската унија „создаде јаз во политиката и кон Северна Македонија и кон Албанија, двете земји ги остави на „чекање“, коментирајќи дека „чекањето“ не е политика и не е воопшто ни позиција.
Објасни дека средбата со Заев и Димитров ќе ја искористи да се информира и да ги слушне нивните позиции. Дендиас вели Грција разговара во моментов со Италија, Германија, но и со Франција. Вели дека поставувањето тема на еден совет е лесно, но прашањето е што ќе се случи потоа, бидејќи ако се слушне повторно НЕ, тоа според Дендиас е многу полоша точка отколку самиот почеток.
– Затоа, сакам да разговарам со двајцата, да видам како им изгледа ситуацијата, што прават, каква е внатрешната состојба, да ме известат, вели Дендиас во однос на средбата со Заев и Димитров.
Шефот на грчката дипломатија рече дека потребно е правилно спроведување и на Преспанскиот договор. Објаснува дека ниту една од страните не може во рамките на меѓународното право да помисли да говори за невалидност на договорот, доде дека секоја земја како што има минато, сегашност и иднина има и континуитет и мора да ги почитува договорите.