
Зошто Владата му помага на ТЕ-ТО кој е под финансиска истрага за перење пари?
Владата на седница одлучила да им ја одложи обврската на ТЕ-ТО за плаќање на милионскиот даночен долг. Од Илинденска број 2 во соопштение за Телма тврдат дека на тој начин и даваат поддршка на компанијата откако оттаму побарале помош од државата.
Владата на 160 седница ја разгледа Информацијата за доделување државна помош. Согласно Законот, Владата донесе одлука за одложување на плаќањето на даночниот долг,
велат од владата.
ТЕ-ТО е под лупата на Финансиската полиција и Обвинителството поради перење пари, а други фирми ги обвинуваат за предизвикана огромна финансиска штета. Таква е Топлификација која има должничко-доверителски односи со ТЕ-ТО.
Владата дава државна помош на приватна компанија која за 2018 година има најголема добивка во државата од 120 милиони евра и која на сајтот на должници на УЈП стои дека должи повеќе од 16 милиони евра односно со месечните аконтации – преку 20 милиони евра. Скандалозното во одлуката на Владата за да даде државна помош на приватна фирма којашто оштетила македонски фирми со над 40 милиони евра и тоа помош за данок на добивка – ова го нема никаде во свет,
вели Ивица Стојановски, Претседател на надзорен одбор на Топлификација АД Скопје.
На ова во текот на денот реагираа и од ТЕ-ТО од каде што признаа дека побарале помош од државата, но ги отфрлија гласините дека станува збор за парични средства. А, Владата својата одлука да им го одложи плаќањето на даночниот долг ја оправдува со тоа дека во државен интерес е фирмата да работи без прекин.
Станува збор за единствен објект кој произведува електрична енергија од природен гас, не влијае на загадувањето, допринесува за поголем БДП на државата како и за подобрување на енергетската сигурност,
велат од Владата.
За ТЕ-ТО отворена е истрага во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Целиот случај го потегна Управата за финансиска полиција која поднесе кривични пријави за сомнеж за лажен стечај на компанијата за тие да не вратат милионски долгови кон други фирми, како и злоупотреба на службена положба и овластување. Клучниот сомнеж е перење пари во Македонија од трансакции за кои во Русија се водат истраги за криминал.
Петар Догов