
Заев со една изборна единица сака да ги мотивира неопределените гласачи
Со една изборна единица премиерот сака да ги мотивира неопределените гласачи да излезат на гласање. Очекува поголема излезност доколку помалите партии добијат шанса да влезат во Парламентот.
Заев се надева дека ќе биде постигнат консензус за промена на изборниот модел во една изборна единица, но и да не биде постигнат,повтори дека Социјалдемократите ќе гласаат за оваа измена. Не го предомислува ниту противењето на коалиционите партнери од ДУИ, затоа што има Бадентерово мнозинство и без нив.
ДУИ и ВМРО ДПМНЕ вчера го отфрлија предлогот на 15 пратеници од помалите партии кои бараат една изборна единица. Артан Груби не сакаше да ја коментира денешната изјава на премиерот откако вчера рече дека ДУИ воопшто и не размислуваат за една изборна единица.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека не ја затвораат вратата за промена на изборниот модел, но после 12 април и со консензус меѓу сите партии.Сето друго, за нив е неодговорно.
Изборниот законик се менува со апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник, плус мнозинство од припадниците на заедниците, кои во овој состав се 36 на број. Венецијанската комисија препорачува суштински изборни измени да не се носат во период помал од една година пред избори, но во Македонија тоа не е пракса. Минатата пролет беа донесени измени по скратена постапка за платеното политичко рекламирање, само 5 дена пред почетокот на изборната кампања, за што реагираше и АВМУ.
Далиборка Демјанска Цветановска