Владата не го усвои предлог буџетот за 2020

Владата не го усвои предлог буџетот за 2020 – та година кој го скрои министерката за финансии Ангеловска. Иако тој до сега веќе требаше да биде доставен до пратениците, од Владата велат – ќе биде усвоен наредната седница.

Милиони евра во предизборие најави Владата дека ќе се трошат во 2020-та година, но колку ќе тежи државната каса, колку пари ќе се соберат од граѓаните и бизнисот и за што конкретно се наменети, за сега никој не открива.

Премиерот Заев вети енормно зголемување на пензиите за наредната година, дава и 10 проценти раст на платите на просветарите, им вети и зголемени плати на лекарите специјалисти за да се приближат до 100 илјади денари месечно. Потоа субвенции за придонесите за раст на платите во приватниот сектор, уште еден раст на минималната олата до година, која од декември сега треба да изнесува 14.500 денари. Уште поголема финансиска поддршка за бизнисот. Пари ќе треба и за уште многу капитални проекти кои на големо се ветуваат на граѓаните.

Опозицијата уште не усвоен го нападна Буџетот.  Обвинува дека владата доцни и сеуште не го доставила до пратениците. Пратеникот Антонијо Милошоски  вели –  економскиот тим Заев-Анѓушев-Нина Групер немаат капацитет да дефинираат приоритети за кои ресори ќе се одделат повеќе средства.

Можеме да очекуваме предлагање на гломазен желботека-буџет кој би тежел околу 4 милијарди евра, според девизата “пиши, хартијата трпи се”.И згора на тоа, можеме да очекуваме намалување на капиталните инвестиции кои носат развој, а во буџетот да има дуплирање на средствата за вработување на договор на дело во администрацијата, како предизборен обид на сметка на буџетот да се намали разочарувањето кај гласачите на коалицијата,

објави Антонио Милошоски на Фејсбук.

Телма веќе објави дека за пензии за до година е планирано да се потрошат 946 милиони евра или 68 милиони евра повеќе од годинава. Фондот за пензиско откри дека толку проектирал за во 2020 година, сума која треба да ја одобри Владата. Проекцијата е правена врз основа на двете усогласување направени според трошоците на живот и растот на економијата. Но, дали и колку ќе чини енормниот раст на пензиите кој го најави Заев, сеуште нема информација.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ