Мексико ќе ги пронајде убијците на американските семејства

Мексиканската влада порача дека припадниците на нарко картелите кои вчера на северот на земјата убија 9 американски државјани, од кои шест деца, ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Убиствата беа извршени во оддалечената, планинска област на сојузната држава Сонора во регион каде повеќе нарко картели, меѓу кои и Синалоа, војуваат за контрола над трговијата со дрога.

Се согласуваме дека стратегијата треба да биде пацифирање, но во исто време треба да го разоружиме нашето општество, по секоја цена мораме да го спречиме шверцот на оружје од САД. Мора да имаме поцврст одговор за носење оружје без дозвола и секако мораме да се бориме против организираните криминални групи на интелегентен и прецизен начин,

вели Мигел Анхел Манцера, член на мексиканскиот Сенат.

Синоќа американскиот претседател Доналд Трамп порача дека е дојдено времето Мексико, со помош на САД, да води војна со нарко картелите и да ги избрише од лицето на земјата. Но Мексиканската влада смета дека тоа само ќе го зголеми насилството.

Секако дека посакуваме ова никогаш да не се случеше но мислиме дека со изрешетување, масакрирање, со употреба на сила, со крв и оган оритув насилството на бандите, проблемот нема да биде решен,

вели мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Според првичните информации од истрагата, убијците на картелите го тргетирале семејството по грешка, односно нивните возила ги помешале со тие на конкурентскиот картел. Покрај убиените 9 лица од нападот успеале да се спасат уште 8 деца криејќи се во шумата. Пет од нив имале прострелни рани, но според мексиканските власти сите се во стабилна состојба.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ