
Законот за опојни дроги повлечен од собраниска процедура
Законот за опојни дроги и психотропни супстанци е тргнат од агендата на Собранието. Повлечен е и вратен на доработка во Министерството за здравство. Министерот Венко Филипче вели дека тоа е направено по барање на невладините организации, кои имаа серија забелешки на законскиот текст. Министерството веќе отпочнало разговори за да се усогласат законските решенија по прашањата за производство на лекови од канабис и добивање лиценца за негово одгледување, како и за ставање под контрола на нови видови дроги. Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби потврди дека за ваков закон е потребна поширока дебата и дека за постапката се интересирала и француската сенаторка Елен Конве-Муре, при средбите со пратениците во македонското собрание.
Минатиот месец законот беше пратен во Собранието со европско знаменце. Поради бројните реакции, наместо во Комисијата за европски прашања, требаше да се разгледува во Комисијата за здравство како матична. Во петокот, седницата на оваа комисија беше закажана па откажана наводно поради преводот на албански јазик.
Овој закон треба да овозможи извоз на сув цвет од канабис. 29 фирми веќе имаат лиценци за одгледување на ова растение за медицински цели, но интересот постојано расте, се вели во образложението. За невладините, спорно е што Владата си дава одлучувачка улога во доделувањето лиценци без било каква надворешна контрола и барањето банкарска гаранција од 500 илјади евра. Опозициската ВМРО ДПМНЕ изнесе сомневање дека законот е за богатење на три фирми во сопственост на семејството Заеви. Владата уверува дека законот претставува усогласување со европското законодавство, а сите оспорени решенија ќе ги усогласи со невладиниот сектор, по што законот ќе се врати во собраниска процедура.
Соња Николовска