
Незадоволните стоматолози по состанокот со Филипче ќе одлучат дали ќе протестираат
Министерот за здравство Филипче се фали дека откако ја зголеми капитацијата веќе има задоволни лекари. Стоматолозите, кои сега ќе добијат 8 денари повеќе по пациент, преку своето Здружение ги нагласуват другите свои барања, а најавија и протест за два дена. Министерот на состанок денес со стоматолозите ќе се обиде да ги разубеди во намерата.
„Стоматолозите имаа и некои барања коишто се однесуваат на начинот на којшто функционира системот на стоматологија кај нас меѓутоа со години наназад мора да кажам дека добар дел од стоматолозите се навистина задоволни од зголемувањето на капитацијата кај стоматолозите од осум денари е и нешто повеќе од 15% заради тоа што нивниот капитационен бод беше помалку отколку на општите лекари – на илјада пациенти – осум илјади, на две илјади пациенти – 16 илјади денари зголемување навистина не е мала сума и тие имаат респект кон оваа наша одлука, изјави министерот Венко Филипче.
За стоматолозите не е спорно зголемувањето на капитацијата, но тие бараат да добиваат фиксни пари месечно. Во спротивно – ќе се затворат многу ординации, предупредува претседателот на Здружението на приватните стоматолози.
„Нашите проценки и нашите анализи покажуваат дека вкупните финансиски барања на еден стоматолошки тим во државата се околу 90 илјади денари и тоа е нашето прво и основно барање. Значи секој тим од примарната стоматолошка дејност треба да добива фиксни 90 илјади денари, а специјалистичките тимови бараме да добијат 150 илјади денари и бараме промена на финансискиот модел бидејќи сегашниот модел на капитација и на партиципација веќе е неодржлив. Ако така продолжиме ќе дојде до затворање на голем број на приватни стоматолошки ординации, а понатаму и голем одлив на кадар во странство, вели Жарко Ѓорѓиев – Претседател на ЗПЗСУ
Стоматолозите уште пред една недела закажаа протест пред Министерството за здравство за на шести ноември напладне. Со слоганот „Да ја вратиме насмевката на стоматолозите“ да ги покажат барањата коишто ги имаат, а коишто се главно финансиски.
Петар Догов