Сасоли со порака до Македонија – последниот збор од ЕУ не е кажан

Пристапувањето на Македонија во ЕУ е само на пауза, но земјава патот до крај ќе го оди заедно во пакет со Албанија. Со ваква порака за два дена во земјава, ќе допатува претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, според кого блокадата за старт на преговори со Скопје и Тирана може да се надмине. Сасоли во интервју за МИА вели дека наредните шест месеци ќе бидат многу важни.

Мислам дека треба да стигнеме на самитот во Загреб со консензус од европска страна. Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност. Има само една пауза на еден долг пат, но последниот збор сѐ уште не е кажан,

вели Сасоли во интервјуто.

За Сасоли најголем број од лидерите, но и јавното мислење во земјите-членки е за отпочнување на пристапни преговори со Македонија и со Албанија, што процесот на пристапување го прави пожив од претходно. Смета дека пристапувањето на двете земји треба да оди заедно, а не по скратен пат.

Во заклучоците на Советот беше многу јасно дека нивната цел не беше да се блокира процесот, едноставно рекоа дека треба нешто повеќе да се направи. Сега треба да се осигуриме дека овие аргументи остануваат на ЕУ агендата за да продолжи процесот, но преку скратен пат, не можеме да го направиме тоа со одвојување, преговорите мора да започнат и со Северна Македонија и со Албанија,

вели Сасоли.

Сасоли својата прва посета на некоја земја како прв човек на ЕП ќе ја има токму во Македонија, по што ќе ја посети и Албанија. Вели, вака решил за да покаже поддршката за двете земји. Според него, земјава за да стигне до тука макотрпно работела на реформите и оти тоа не смее да се загуби поради една мала пречка на патот.

Знаеме дека во моментов има националистички искушенија кои играат против ЕУ, но мислам дека во Северна Македонија про-европските сили се мнозинство и дека мнозинството од населението ја разбира ситуацијата. Ова не е време да се губи надеж,

вели Сасоли.

Претседателот на Европскиот парламент забелешките на Франција за пристапниот процес не смета дека се однесуваат на тоа дали Македонија и Албанија имаат европска судбина, туку дека е потребна промена во процедурите. Тој е на став дека во иднина процесот се движи кон преговори.

Тој проширувањето кон Западниот Балкан го смета за потреба за да се комплетира заедничкиот европски пазар, слободата на движење, да се зајакне безбедносниот систем, да се дополни европската мапа. Вели, има впечаток дека некои земји на северот на Европа не сфаќаат целосно дека нивната безбедност зависи од овие политика, но оти тоа никаква врска со Франција.

Сасоли кој во земјава ќе престојува два дена, а ќе има средби со премиерот, претседателот на Собранието, пратеничките групи.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ