Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 42 нови стипендии

 Фондацијата „Трајче Мукаетов“ дванаесетта година по ред, доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Годинава, доделени се 42 нови стипендии на 22 студенти на Фармацевтскиот и 20 студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

Согласно програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1.200 евра во денарска противвредност.

„Особено задоволство ми е што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти, па одлучивме наместо 40, стипендирани да бидат 42 студенти на медицинскиот и фармацевтскиот факултет при УКИМ, со што исполнивме квота од 500 стипендирани студенти за 12 години. Навистина ми е драго што фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ и компанијата ‘Алкалоид’ биле дел од успешната приказна на 374 дипломирани стипендисти по медицина и фармација до сега. Искрено ме радува и прикажаниот просек на првенците годинава! За прв пат годинава Фондацијата ‘Трајче Мукаетов’ има 5 првенци на генерацијата, сите со просек 10,00. Еден од првенците, веќе од наредниот месец ќе ја започне својата кариера во ‘Алкалоид’ а до крајот на годинава, вкупно 81 стипендирани студенти ќе бидат дел од компаниските процеси. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација“ – изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид АД Скопје“.

Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 500 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 42 во учебната 2019/2020. Од нив, 197 студенти по фармација и 177 по медицина се веке дипломирани. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им  продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ