
Џафери: Собранието треба да се распушти на 11 февруари
Собранието треба да се распушти на 11-ти февруари. Веднаш потоа може да бидат распишани предвремени избори на 12-ти април.
Претседателот на Собранието Талат Џафери објаснува дека така е според Уставот: избори се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието.
– Можноста за самораспуштање на Собранието 45 дена пред изборите не стои ниту во Законот ниту во Уставот. Со тоа, би се скратиле роковите за изборните дејствија, што ги утврдува ДИК. Во секој случај, Собранието ќе се распушти тогаш кога пратениците ќе поднесат таква предлог-одлука. Откако одлуката ќе биде изгласана со мнозинство пратеници, тие веќе не можат да се состанат ниту за ратификација на Протоколот за НАТО. Таа обврска ќе остане за наредниот пратенички состав, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Можноста за распуштање на Собранието 15 дена подоцна, на 26-ти февруари, ја отвори премиерот Заев.
Тој, во име на сите седум партии кои се договорија за избори на 12-ти април, упатил замолница до Џафери, да го земе предвид овој рок, доколку Ратификацијата тогаш дојде на ред.
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски вели дека имало пракса да се состанува веќе распуштен Парламент, но ја нагласи можноста и од заседавање поради итни потреби.
За да се испочитува Законот, до крајот на декември во Собранието треба да пристигне предлогот за составот на техничката Влада. Ако има меѓупартиски договор за промена на изборниот модел, тоа може да се направи и за еден ден, рече спикерот Џафери на редовниот брифинг со новинарите.
Соња Николовска