Заводот за статистика го тужи Мицкоски

Државниот завод за статистика и ВМРО ДПМНЕ на суд ќе расчистуваат кој е во право а кој клевети. Заводот поднесе тужба и до партијата и до нејзиниот лидер Христијан Мицкоски поради обвинувањата дека се фабрикуваат извештаи по нарачка на Владата.

-Во целост ги отфрламе и демантираме изјавите и шпекулациите на Мицкоски како неточни и лажни. Заводот за статистика е професионална и независна институција чија работа е под постојан мониторинг и евалуација на Еуростат, а економските и монетарните статистики се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Заводот ќе поднесе тужба за Мицкоски и за ВМРО ДПМНЕ, изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Од ВМРО ДПМНЕ  тврдат дека располагаат со сведоштва од поранешни и од сегашни вработени дека се манипулира со растот на БДП, долгот на државата и со други податоци. Дали по овие сознанија ќе поднесат тужба за Симовски  зависи од одговорите на нивните прашања.    

Меѓупартискиот договор за предвремени избори го одлага пописот планиран за април 2020-та. Заводот за статистика предлага пролонгирање за една година година бидејќи пописни и  изборни активности не може да се одвиваат истовремено.

Истовремено, бара Законот да биде донесен пред формирањето на техничката Влада, значи, до крајот на годината. Од Владата велат дека ќе ја прифатат стручната анализа на Статистика, по што ќе одлучат дали ќе се спроведе попис на есен 2020-та или на пролет 2021-ва.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ