
Димитров бара раздвојување на Македонија од Албанија за датум од ЕУ
Европската унија да го почитува сопствените принципи и да ги раздвои пристапните процеси на Македонија и на Албанија, побара денеска шефот на дипломатијата Димитров, обраќајќи се пред Комисијата за европски прашања на која беа присуствуваа и амбасадорите на земјите-членки на Унијата.
Тој рече дека земјава не прифаќа да биде условувана со исполнување на критериуми во други земји.
„Има една голема неконзистентност, логична. Да се зборува за подобрување на методологијата на пристапниот процес, а притоа да се руши клучниот, суштинскиот принцип на проширувањето – секому според заслугите. Состојбата во други земји не е во наши раце, воопшто“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.
Двајцата надлежни за евроинтеграциите Османи и Димитров, во обраќањето пред Комисијата порачаа дека чувството на горчина од недобивањето датум не смее да ја оддалечи земјава од европскиот пат.
Димитров притоа рече дека Македонија мора да го положи тестот на зрелоста и да и покаже на Франција и скептичните земји дека процесот може да носи резултати, додека за Османи нема простор за неисполнување на европските стандарди.
„Европската унија преку инсистирање на Франција побара трпени за да се прилагодиме пред да се продолжи со проширувањето. Ова колку и да не ни се допаѓа, како и да е нашиот впечаток за оваа одлука, ние не можеме и немаме право да се предадеме“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Комисијата која започна со драмски ефекти и емоции остана посиромашна за конструктивна дебата меѓу власта и најголемата опозициска партија која демонстративно ја напушти седницата барајќи оставки од Османи и Димитров за неуспехот со датумот, нарекувајќи ја Комсијата за европски прашања пародија.
На ова не им останаа должен ниту претседателот на Комсијата Артан Груби, ниту шефот на дипломатијата.
„Наместо оставки и понесување на морална одговорност, денеска Османи и Димитров уште еднаш ќе ви понудат манипуалтивни објаснувања. Ви пожелуваме успешна расправа, многу успех и аплаузи, а за одговорноста ќе се видиме на 12 април“, рече Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Груби го испати од говорницата со зборовите:
„Ви благодарам колега Милошоски, сигурно со овој говор сте обезбедиле мандат во вашата полутичка паритија за предвремените избори“.
Одговорот на Димитров беше следен:
„Од луѓе кои никогаш подалку не не однеле од оваа стратешка цел. Кои што не напикаа во земја и скокаа одозгора за да го затабаат патот да нема отвор напред, од нив сега доаѓа обвинувањето. А бе, ќе ми биде срам да зборам за ЕУ, да ги изговорам буквите ЕУ – Европска унија. Тоа е политичка дрскост и бесрамност“.
Димитров притоа побара од опозицијата конструктувност за носење на законот за Јавното обвинителство и и порача дека Македонија нема да дигне раце и оти мора да успее на патот кон ЕУ, дали во соработка со неа или покрај неа.
Тамара Грнчароска