(видео)Опозицијата ја напушти Комисијата за европски прашања

Опозицијата ја напушти комисијата Комисијата за европски прашања со образложение дека е тоа провладина прослава и пародија.

Антонијо Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ покажа фотографија од Османи и Димитров, велејќи тоа е сликата кога минатата година двајцата го излажале народот дека земјава добила датум за почеток на преговори. Милошoски кажа дека досега барале за неуспехот да се разговара на Комисијата за надворешни работи, а не на ваква, како што ја нарече, владина забава.

Претседателот на Комисијата, Артан Груби закажа седница посветена на евроинтегративните процеси на Северна Македонија по Самитот на Европската Унија во октомври 2019 година, на која вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров имаа свои обраќања.

  • Со одлуката од јуни минатата година го започнавме обврзувачкиот скрининг, сите признанија нè охрабрија да ја очекуваме позитивна одлука. Оваа седница не е свикана за да си честитаме. Неможноста на европскиот совет да постигне консензус за нашата одлука е историска грешка и неправда, рече Бујар Османи на собраниската комисија за европски прашања.

Преспанскиот договор не може да се комплетира целосно ако ние сме вон пристапниот процес кон Европската Унија, рече денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на седницата на собраниската Комисија за европски прашања, на која се дебатираше за одлуката на Европскиот совет да не и додели на земјава датум за преговори за членство во ЕУ.

  • Во Преспанскиот договор целосната имплементација на нашите обврски е врзана со пристапниот процес во Европската Унија. Во однос на веќе постоечките внатрешни документи и материјали, нашите обврски почнуваат и завршуваат во рок од пет години од отворање на поглавјата, подвлече Димитров.

Истакна дека членството во НАТО е извесно, но како што рече, тоа не значи дека треба да потценуваме реализација на едно од најважните две стратешки цели. – НАТО носи безбедност, предвидливост и инвестиции, рече Димитров.

  • Изгубивме цела генерација, но не смееме да паднеме во истата замка сега. Од наративот на жртва треба да го избереме наративот на победник. Тешко е, ама ќе пронајдеме дупка и ќе излеземе и ќе продолжиме да одиме напред. Со тоа ќе и помогнеме и на Европа и сами ќе си помогнеме, и на нашите соседи во регионот. Ќе завршам со цитат од Черчил: „Никогаш, никогаш, никогаш немојте да дигнете раце, заклучи Димитров.

На седницата, освен пратениците кои се членови на Комисијата, поканети се сите парламентарци, претставниците на дипломатскиот кор во земјава, претставниците на владиниот и невладиниот сектор, академската заедница и медиумите.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ