Спасов со уролошка интервенција успеал да избега иако месец дена претходно не ја почитувал наредбата на штипскиот суд

Уролошка интервенција на кила (која никогаш не е извршена) му ја продолжила слободата на Игор Спасов. Дозволата за операцијата ја добил од судот на 31-ви јули, а штипски уролог со вештачење тврдел дека по операцијата, поарнешниот специјалец и осуден за убиството на Нешковски, морал да лежи најмалку два месеци во домашни услови. Но урологот Венцо Шопов пак тврди дека среде лето му го донеле од суд, Спасов и тој бил само дежурен лекар, кој го прегледал.

Судот му наредил на Спасов на 18-ти септември да им донесе медициснка документација дека ги спроведува медицинските зафати. Но Игор Спасов нема доставено никаква документцаија во септември, потврдија од прес службата на штипскиот суд.

Иако не ја почитувал судската одлука, од судот никој не реагирал ниту ги известил затворот или МВР за однесувањето на Спасов. Го чекале крајниот датум 18-ти октомври за да Спасов сам си се врати во Идризово.Но осудениот за убиство не се вратил во затворот, по што е распишана потерница. По штипската чаршија кружат претпоставки дека Спасов избегал надвор од државата, но засега по него има распишано само национална потерница. Очевидци пак за Телма тврдат дека го виделе Спасов на улиците по Штип минатата недела.

Ѓорѓи Андонов, претседателот на штипскиот суд денеска не сакаше да коментира јавно и со изјава пред камерите за случајот и покрај тоа што како судија за извршување на санкции му дал неколку пати прекин на издржување на казната на Спасов од медицински причини. Потврди дека секогаш осудениот имал соодветна медицинска документација за повеќе болести, но не прецизираше од што болувал екс специјалецот кој 14 месеци беше надвор од затвор.

Новиот претседател на судот во Штип Ѓорѓи Андонов

Андонов не можеше да одговори како болен човек може да избега и само кратко ни кажа дека последниот пат дежурна судијка со вештачење му го продолжила прекинот на казната.

И премиерот Заев се изјасни, очекува истрага и смета дека надлежните немаат направено грешка. Спасов на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по изборната победа во 2011-та го нападна Мартин Нешковски, по што момчето загина, а Спасов беше осуден на 14 години затвор.

Миомир Серафиновиќ

Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека институциите постапиле согласно законот и оти биле запазени сите процедури.

– Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Институциите постапуваат согласно законот, секако и во делот на правото на кој било затвореник или човек кој ја извршува својата казна – правото на викенд и правото за одмор. Постапено е согласно сите процедури. Верувам дека истрагата многу брзо ќе соопшти што се случува односно каде е господинот Спасов, изјави Заев по посетата на реновираниот кат на Клиниката за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Потерница по избеганиот
Игор Спасов

МВР распиша и меѓународна потерница по Игор Спасов откако тој пред десет дена не се вратил во затворот „Идризово“.

Спасов е осдуен за убиството на Мартин Нешковски кој во јуни 2011 за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори, беше брутално претепан затоа што сакал да се качи на бината. Спасов за време на изборите бил во Куманово на задача, но откако се вратил во Скопје бил повикан од колегите обебзедувачи на тогашниот премиер. Освен Спасов никој друг не одговараше за постапките на специјалецот.

Адвокат на Спасов беше струмичкиот адвокат Ване Андреев, познат како близок пријател на актуелниот премиер Зоран Заев. Во таканаречените бомби се открива дека Спасов бил повикан од Дејан Митревски –Урко да дојде на партиската прослава да помогне со обезбедувањето. Спасов неколкупати беше повикан да сведочи и во рамките на истрагата СЈО за настанот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ