
КОД: Каде ќе завршат уметничките слики запленети од домот на Боки 13?
Името на Никола Мартиноски е едно од неколкуте кои се споменати како автори на слика најдена кај Боки 13. За неговото дело се напишани многу книги, направен и документарниот филм од Вардар филм кој ги обработува делата на овој основоположник на македонската уметност каде можат да се видат бројни авторски дела на Мартиноски.
Ако се пребара по инстаграм профилот пак на Боки 13 честа е фотографијата на која во позадина се гледа оваа слика која многу наликува на оние од Никола Мартиноски. А токму таа е една од трите со потпис на овој автор, а запленети од обвинителството. Девојче со пембе шамија. Насликана 1940 та. Се смета за едно од најголемите остварувања на авторот во портрет од делата во четвртата деценија на минатиот век. Во критиката од првиот проучувач на делото на Мартиноски, Борис Петковски од 75 та година за оваа слика уште се вели:
Ликот на циганското девојче е префинет, со речиси „аристократски“ изглед, со спокојна положба на телото, со нежна „пембе“ боја на шамијата. Врз длабокиот тон на зелено обоената основа стемнетата сина боја на блузата, крвавоцрвената на здолништето, деликатниот жолтоокерен, окерноцрвеникав благомоделиран тон на лицето, се организирано во избалансирана колористичка целина.
Но, патот на сликата која стигнала од Мартиноски до Боки 13 за сега е неутврден. Последниот сопственик за кои постои некаков траг е впишан токму на книгата од Петковски. Како податок стои дека девочето исцртано со масло на платно било на М.Бошков од Скопје.
Неговото име како сопственик се јавува уште на една книга, ретроспектива издадена од Музејот на современа уметност од 75 тата година. Тие се последните податоци каде може да се најде сопственикот на ова дело. Според познавачите токму вредноста на оваа слика би можела да биде најголема во споредба со другите кои се пронајдени кај него.
Гледајте КОД вечерва на Телма во 19:15