Блокирани кадровски решенија

Страницата на која треба да се претстави раководството на Државниот завод за ревизија е речиси празна. Наведен е само генералниот секретар. Главен државен ревизор нема безмалку две години, а пред дваесетина дена му истече мандатот и на заменикот. Изборот на новото раководство со месеци „е заглавен“ во Собранието. Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски вели дека овие денови е во редовна комуникација со координаторите на пратеничките групи, договор е постигнат и во почетокот на наредната недела ќе закаже седница за да се утврди предлогот. Но од владеачката СДСМ демантираат – нема договор со ВМРО ДПМНЕ за одблокирање на ова прашање. Заводот за ревизија игра значајна улога во контролата на предизборното трошење пари, потсетуваат аналитичарите.     

Вработените во Заводот за ревизија со отворено писмо алармираат дека нивната програма не може да се реализира, нема кој да ги потпише сработените извештаи, не може да земат плата и здравствено осигурување. Одговор не добиле.

А изборот на ревизор не е единствениот пропуст на Собранието во кадровското екипирање на институциите. Не е избран ниту нов состав на Агенцијата за медиуми, Советот на МРТВ, Комисијата за недискриминација, нема директори на Дирекцијата за лични податоци, Агенцијата за инфомации од јавен карактер,  здруженијата за граѓанска контрола на полицијата и судството и други. Таквото непостапување треба да биде казнето од гласачите, вели Трошановски, но постојниот изборен модел им дава на партиите комотна позиција.

Пред неколку дена, на лидерската средба, за само еден час беше постигнат договор за предвремени избори на 12-ти април. Но, разговорите за законот за обвинителство, за реформа на изборното законодавство, за попис и други законски проекти за кои е потребен консензус, траат со месеци. Нема најава дека ќе бидат усогласени пред изборите.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ