
Европскиот парламент ја изгласа Резолуцијата за Македонија и Албанија
На наредниот состанок, земјите-членки на Европската унија треба да донесат едногласна одлука за почнување пристапни преговори со Македонија и со Албанија. Ова е пораката што Евро-парламентот им ја испрати на европските лидери, усвојувајќи Резолуција за старт на преговорите.
Позитивно гласаа 412 пратеници, 136 беа против а 30-мина беа воздржани.
Во документот се нагласува дека недонесувањето одлука е стратешка грешка. Тоа го поткопува кредибилитетот на Унијата, бидејќи интеграцијата на земјите кои можат да станат членки и дозволува на ЕУ да ја задржи својата улога на меѓународната сцена, а на земјите-кандидатки им овозможува трансформација.
-Евентуалната реформа на процесот на проширување не треба да ги попречува државите кои веќе ги исполнија условите за почнување пристапни преговори. Земјите-кандидатки треба да бидат оценувани во светлината на нивните сопствени заслуги врз основа на објективни критериуми, а не врз политички размислувања во различни земји-членки, се вели во резолуцијата на Европскиот парламент.
Европскиот парламент потсетува на консензусот за проширување, одобрен од Европскиот совет во декември 2006-та и обновен во јуни 2016-та. Токму политиката на проширување е најефикасниот инструмент за надворешна политика, се вели во Резолуцијата, а откажувањето од неа може да доведе до нестабилна ситуација во непосредното соседство на Унијата.
-Неотворањето преговори испраќа негативна порака, може да придонесе некои странски актери, чии активности не ги споделуваат вредностите и интересите на Унијата, да ги зајакнат своите врски со Северна Македонија и Албанија, се вели во резолуцијата на Европскиот парламент.
„Направена е грешка со недоделувањето датум за преговори, но поддршката од големото мнозинство пратеници ќе продолжи“ – му порача претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, на првиот човек на нашето Собрание, Талат Џафери. Џафери, кој во Стразбур имаше повеќе средби со евро-пратениците, рекол дека за нас е прифатливо унапредувањето на методологијата за пристапните преговори, но не се прифатливи било какви алтернативи и ставање на земјата во категоријата соседство на Европската унија.
Соња Николовска