Тимоние: Маркетиншки трикови и нереални очекувања за старт на преговорите

Маркетиншки трикови и нерелани очекувања дека земјава ќе ги почне преговорите со ЕУ само врз основа на Договорот од Преспа и геополитиката, а не врз основа на реално спроведени реформи. Вака денеска францускиот амбасадор во Македонија ја правдаше одлуката на Макрон да го блокира датумот за земјава. Тимоние притоа рече дека Франција постојано предупредувала дека реформите не се доволни, но била игнорирана, додека пак други давале нереални ветувања.

„Требаше да се разговара за реалната состојба со реформите. Тоа беше на маса и потоа мистериозно во целото лето се подигнаа очекувањата дека, на некој начин, одлуката ќе биде компензација на Преспанскиот договор. И се случи чудна промена на перспективите и ова не го велам да ги обвинувам властите тука, но тоа беше случај и со некои наши партнери. Често се прашував зошто од објективна проценка на агенда, со позитивните и послабите точки, преминавме на награда за постигнат договор“, рече Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.

Тимоние притоа рече дека земјава дури ни нејзините граѓани не ја перципираат како модел за реформи во регионот, туку само како модел за храброст за постигнатиот Преспански договор. Тој не даде конкретен одговор дали сите други земји-членки, освен Франција, згрешиле оценувајќи ги реформи како позитивни, а Извештаите на ЕК кои препорачуваат старт на преговори со Македонија, ги нарече интересно четиво.

„Тие се набљудуваат од пополитички агол од страна на државите-членки и понекогаш, одредени поглавја или резимеа не се сосема компатибилни со текстот. Имате поглавја кои што се позитивни или заклучоци кои се позитивни, но колку повеќе читата во содржината, а тоа е толку добро направено, доаѓате до идејата дека станува збор за политичка одлука која треба да се донесе. Тие позитивни извештаи, кои ги има 10-15, беа позитивни дури и за време на претходниот режим“, е ставот на Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.  

Францускиот амбасадор немаше одговор за тоа дали до самитот за Западниот Балкан во Загреб во мај ќе се донесе нова методологија за преговори со ЕУ, на што инсистира Франција, велејќи дека се работи на тоа. Според него земјата има европска иднина, но оти треба да ги направи реформите кои не ги исполнила досега за да може да го продолжи тој пат, како што е на пример решавањето на статусот на СЈО.

Тимони беше дециден дека француската блокадата на преговорите со ЕУ нема да се повтори за пристапувањето на Македонија во НАТО.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ