
Спасовски фаворит за премиер на техничката Влада, Мицкоски уверен во победа
Речиси и да нема повеќе дилема кој може да биде наследник на премиерот Заев и да ја води техничката Влада. Двајцата кандидати чии имиња кружат низ јавноста, Олицвер Спасовски и Љупчо Николовски, денеска ги потврди самиот Заев и додаде дека фаворитот кој го спомна е министер кој ќе остане без функција од 3 јануари и кој долго време е во раководствот на партијата. Со тоа меѓу редови тој го посочи Спасовски за негов наследник, бидејќи неговото место во МВР во техничката Владата ќе биде пополнето со човек предложен од опозицијата. Заев нагласи дека сепак последниот збор го имаат партиските тела.
Доколку на предвремените избори во април победи СДСМ, Заев најави дека тој повторно ќе седне во кабинетот на Илинденска.
Од друга страна пак, лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Прилеп порача дека е убеден во победата на претстојните избори. Според Мицкоски, граѓаните се огорчени и гневни од начинот на кој владеачката коалиција ја води државата, од корупцијата и прогонот на неистомислениците.
Од најголемата опозициска партија засеган нема информации околу предлозите за членови на кабинетиот на техничкиот премиер кој ќе стапи на функција на 3 јануари, 100 дена пред изборите во април.
Огнен Чанчаревиќ