Поништен тендерот за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола

Поништен е тендерот за избор на фирма за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола, а од комбинатот велат дека државната комисија за жалби имала  забелешки од формален карактер кои ќе бидат отстранети во најкус рок и јавната набавка повторно ќе биде објавена. Од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција обвинија дека ниту локалната, ниту централната власт иако ветувале ништо не презеле против аерозагадувањето во Битола.

Оваа власт во заминување, распаѓајќи се по сите шавови, ништо не направи со електростатислите филтри во РЕК Битола, така што тие сега се уште една незавршена работа од многуте, уште една  една лага и празно ветување на Заев и СДСМ, рече Олга Лозановска, Советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од РЕК Битола одговорија дека реконструкцијата на електростатските филтри требаше да се случи многу порано, а тврдат дека и покрај поништувањето на јавната набвака проектот ќе се реализира навреме.

„Доцнење во реализацијата на овој проект нема да има. Средствата во висина од 20,4 милиони евра се обезбедени и постапката ќе се реализира согласно и претходно споменатата динамика – последнователно за секој од блоковите во 2020, во 2021 и во 2022 година, наведуваат во соопштението од РЕК Битола.

Електростатските филтри во РЕК Битола не се ревитализирани од откако комбинатот  започна со работа пред речиси 40 години.

Според најавите, со реконструкцијата, загадувањето од најголемиот производител на струја треба да се намали на 20, наместо досегашните 100 микрограми на метар кубен прашина.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ