
Идната недела ќе се знае терминот за пописот на населението
Премиерот Зоран Заев прво најави средба со директорот на државниот завод за статистика, а потоа можен датум за одржување на пописот на населението кој беше предвиден за идната пролет. Најавените предвремени парламентарни избори за напролет му го украдоа на пописот терминот од први до 30 април со кој требаше конeчно да се заврши пребројувањето по 19 години од последниот попис.
Ставот на Заев доаѓа по вчерашните укажувања на директорот дека сите подгoтовки на заводот биле плaнирани за во април, а сега со најавите за избори се поместува оваа операција најрано за на есен. Технички пописот може да се одложи и одржи подоцна, но се уште постојат политичките пречки. Ако политичарите сакаат попис, прво министерството за правда да предложи закон, владата да прифати, а пратениците да го изгласаат во собранието.
Со најавите за техничка влада, директорот Апостол Симовски се сомнева дека работните групи на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги надминат несогласувањата и ќе дадат зелено светло за изработка на закон за попис.
Првичните најави беа дека прашалникот ќе содржи графа за етничка и религиска припадност за што имаше голем број критики. Во 2011 отпочна попис но беше прекинат, а специјалното јавно обвинителство отвори истрага против тогашните политички партнери Никола Груевски и Али Ахмети, бидејќи го оштетиле државниот буџет.
Освен политичката димензија низ која минува пописот, експертите велат дека Македонија освен немањето демографска слика трпи огромни последици во земјоделието, социјалата, финансиите, сектори во кои се потребни информации добиени од попис.
Павле Беловски