
Косово ќе ги врати обвинетите за Монструм кога нивното министерство ќе одобри
Косовскиот министер за внатрешни работи Екрем Мустафа денеска изјави дека обвинетите во случајот „Монструм” Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ќе бидат екстрадирани во земјава откако ќе бидат завршени сите законски процедури на Косово.

На новинарско прашање кога ќе се изврши екстрадиција на обвинетите за тероризам, за 5-кратното убиство на смилковско езеро (извршено на 12-ти април 2012.), министерот Мустафа без многу детали одговори.
-Ќе бидат екстрадирани откако ќе завршат сите процедури во Министерството за правда во Косово, рече Мустафа по денешната вежба на македонските полициски специјалци.
Мустафа не појасни дали Демири и Исмаиловиќ се во бегство или уапсени од полицијата, дали по нив има распишано потерници, ниту каде точно се наоѓаат.
Обвинетите за убиството Демири и Исмаиловиќ еднаш беа уапсени во Косово по меѓународната потерница издадена од Македонија. Во нивното засолниште беше и најдено оружје поради што добија две годишни затворски казни за нелегално поседување.
Но откако излегоа од косовскиот затвор, косовските власти ја отфрлија екстрадицијата поради политички причини за нејзино барање.
Двајцата во отсуство беа осудени на доживотен затвор, но казните беа поништени и случајот Монструм го презеде СЈО. Иако повторно е барано испорачување, ниту обвинителството ниту македонското министерство за правда нема никаква информација за екстрадицијата од Косово бидејќи Приштина не одговара на барањето.
Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се дел од извршители на крвавиот злостор на Велики четврток кај Смилковското езеро кога беа убиени 4 момчиња и еден повозрасен жител на Смилковци.
Миомир Серафиновиќ