
Лидерите на партиите на средба за предвремени парламентарни избори
Организирање предвремени парламентарни избори ќе биде во фокусот на лидерската средба закажана за попладне во 17 часот во претседателската резиденција „Вила Водно“, иницирана од претседателот Стево Пендаровски, откако државава не доби датум за почеток на преговори за членство со Европската унија.
Претседателот добил позитивен одговор од сите поканети – лидерите на најголемите парламентарни политички партиии од власта и од опозицијата. Речиси сите од нив во пресрет на средбата побараа предвремени избори, власта насока од народот за идниот пат на државата и нов мандат за да ги продолжи реформите, а опозицијата казна за Владата за неуспехот за почнување преговори со ЕУ и доверба за, како што велат, нов почеток за државата.
Премиерот Зоран Заев вчера оцени дека со негативната одлука на ЕУ е направена историска грешка и најави дека на лидерската средба ќе побара организирање брзи предвремени парламентарни избори, на кои, како што потенцираше, граѓаните ќе кажат по кој пат ќе одиме понатаму.
-Народот ни даде мандат и честа да го водиме и тој сега ќе одлучи дали продолжуваме по истиот пат. Ако е така, јас барам одново чист и отворен мандат за да ги продолжиме реформите. Не сме сјајни, имавме грешки, но нема друг пат. Сѐ друго е ќор-сокак, сѐ друго е крив пат и нешто во кое се вртевме во круг 27 години. Ја донесов одлуката вчера откако се консултирав и со повеќе луѓе, со коалициски партнери, рече Заев во обраќањето во кое објави дека ќе бара предвремени парламентарни избори.
Повекувањето од премиерската функција, како што рече, ќе биде во согласност со законот и според тоа каков договор ќе биде постигнат за воспоставување на т.н. Пржинска влада.
-Ќе се почитува Пржинскиот принцип, терминот ќе го договорат лидерите, а народот треба да одбере по кој пат ќе одиме: кон демократски развој и просперитет или кон изолација и национализам, рече Заев.
Кога точно би биле предвремените избори ќе се разговара на средбата кај претседателот, а за одлуката да бидат предвремени се консултирал и со коалицискиот партнер Али Ахмети. По лидерската најави консултации со сите коалициските партнери.